Томислав Османли. Пат за Парамарибо. Лица МАЖОТ, Кирил, пензиониран железничар, околу 70 години, татко на Мето. ЖЕНАТА, учителка, на слична возраст. МЛАДИЧОТ, Гордан, 22 годишни. МАЈА, на возраст како и тој. НАШИНЕЦОТ, Мето, нивен врсник, син на Кирил. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО, Американец, 45 години. ОФИЦЕРОТ, поручник Елсинор, Американец, нешто помлад. КЕМАЛ, офицер на турскиот аскер, подоцна Паша Ататурк; едновремено и ПОЛКОВНИК ЕЛСИНОР, татко на поручникот. ПЕМ, американка, турист/едновремено и ЗАЗА, љубовница на Кемал и актерка, Заза Габор. РОУЗ, американска, мајка/ЖЕНАТА ВО ЦРНО, нашинка, жена од народот. ДЕВОЈЧЕТО, нејзина ќерка, петгодишно дете. МИЛАДИНОВ, Константин, учител и поет. ЗОРБА, лик од роман. ФЕТ ЏО, њујоршки рапер. ФРЕНК СИНАТРА, легенда. МАНТИЛ 1, удбаш. МАНТИЛ 2, удбаш. АМЕРИКАНСКИ ВОЈНИЦИ 1, 2, 3. 1. Марибор, Парамарибо. Чекалница од железничка станица. Ноќ. Во чекалницата дреме возрасна жена. Облечена е во демодиран летен фустан. На главата носи стара шапка. Покрај неа, мал излижан куфер. Средовечен маж, со зембил во рацете од кој ѕиркаат две шишиња затворени со тапи. Тој гледа кон перонот. Се подвраќа и нервозно воздивнува. Втрчува млад човек. МЛАДИЧОТ: (Задишан, кон човекот) Да не задоцнив? Овој каприциоано се врти на другата страна и не му одговара. Жената ја крева главата, го погледнува младичот. И повторно ја спушта во продолжениот дремеж. МЛАДИЧОТ: (Сега кон неа) Се извинувам, дали возот... Жената го одмерува од глава со петици. ЖЕНАТА: Доцни. МЛАДИЧОТ: Доцни? Прашувам за... МАЖОТ: (Не издржува) Сите доцнат. МЛАДИЧОТ: Не е можно! МАЖОТ: Ти, бе, што се правиш на удрен. Како да не знаш што све овде не се случуе. Можда припукале на композицијата. Можда подметнале бомба под возот. А може да касни, као и обично. МЛАДИЧОТ: Мене, знаете, ме интересира возот за... МАЖОТ: А мене што ме интересира? Ја да не чекам пајтон на железничка станица. (Го поткрева зембилот со двете шишиња, со смекнат тон) Него, дете, да не сакаш ти малце ракиичка? Убава е, за своја душа праена. МЛАДИЧОТ: Благодарам, не пијам. МАЖОТ: Е, тоа ви е грешката. Не пиете, али се дрогирате. МЛАДИЧОТ: Молам? МАЖОТ: Боље алкохоличар него наркоман. (Младичот зачудено го погледнува) Тоа ти е као: "боље рат него пакт". Иначе ракијава не е за частење. За продажба е. Мажот незинтересирано се врти на другата страна, пали евтина цигара... ЖЕНАТА: Каде патувате младичу? МЛАДИЧОТ: Ја? Далеку... МАЖОТ: Па сигурно, кога се бега не се иде близу. (Дува чад) Сите бегате, бе. Човек нема да остане во земјава, да ја брани. МЛАДИЧОТ: (Се прави дека не го слуша, кон Жената) А, каде...ако може да Ве прашам... идете Вие? Место неа, одговара мажот. МАЖОТ: До граница. Идам да го посетам синот. Он е тамо резервист. Ја чува границата. Ако ја продаам ракијава, ќе му однесам пари. Ако не, нека ја дели таму со војската. А ти, ти кај ќе фаќаш магла? МЛАДИЧОТ: Ја патувам, господине. Идам за... Парамарибо. МАЖОТ: Марибор? Имаш роднини, или си фатил Словенка на летовање? МЛАДИЧОТ: Не е Марибор... МАЖОТ: (Не го слуша) Сега ширите братство и единство на сексуална база... МЛАДИЧОТ: Парамарибо, господине. Парамарибо се вика местото. Парамарибо не е тука. ЖЕНАТА: (Кон Мажот) Словенците сега нне сакаат. МАЖОТ: Многу нне сакаат. Ги тепа, викаат, југоносталгија. Ама сега, коа се сами. А порано, коа бевме заедно? Тогаш беа против сите... ЖЕНАТА: Не знам, јас отсекогаш сум ги почитувала. Тоа е цивилизаиран народ. Организирани се, културни... Јас Словенија сум ја посетила неколку пати и секој пат во тоа одново сум се уверувала. МАЖОТ: (Не ја слуша) Сакаа самосталност?! Ете им ја сега самосталноста. Сакаа у Европа?! Еве им ја на и неа! Сам, бе, ни по новини не се иде, а не у Европа. А, бе, ајде - коњушари! ЖЕНАТА: Така постојано се тешиме. МЛАДИЧОТ: А, на нас не ни иде, другите ни се криви. МАЖОТ: Ние се бориме, бе. Цел живот се тепаме. Што сме ние криви што имаме толку непријатели. Сите од надвор се против земјава. МЛАДИЧОТ: А овие од внатре, сите се за неа. МАЖОТ: Тоа сега не е битно. Сега се брани земјава, иднината на генерациите. (Подгледнува во него) Само не ја бранат сите. Некои бегаат. За Европа и за Марибор бегаат. Место бранители, поише сакаат коњушари да бидат. ЖЕНАТА: Извинете млад господине, ме интересира зошто заминувате за... тоа место. Како го рековте... МЛАДИЧОТ: Парамарибо? ЖЕНАТА: Тоа место, ако не се лажам, е сосем непознато. МЛАДИЧОТ: Се наоѓа на Карибите. На друг континент, како на друга планета... МАЖОТ: И марсовци ќе станете, само да не сте тука. ЖЕНАТА: Што барате таму? Младите обично заминуваат во развиените земји... МЛАДИЧОТ: Прво сакав да идам у Америка. МАЖОТ: Е, таму, баш и ти личи! МЛАДИЧОТ: После сменив план. Иако Америка уште ме влече. МАЖОТ: Што не му текне бе на некој да иде за Русија? Земја на наука и техника. Сите само Америка, па Америка!... Со генерации е така. Место по знаење, идеме на печалба. Затоа и дојдовме до овде. Еден Миладинов што отиде у Русија, и толку. МЛАДИЧОТ: Двајца. МАЖОТ: Што? МЛАДИЧОТ: Димитрија и Константин Миладинов. МАЖОТ: Ја мислев само на Константин. Он ја напиша онаа наша песма - "Туга за Југа". Он сакал овде да се врати. Димитрија сто посто сакал да ја збрише, као ти. (Се смее за своја сметка, па се закашлува од силното смеење) ЖЕНАТА: Не обрнувајте му внимание. Баш ме интересира, младичу. Америка, рековте... МАЖОТ: Ја реков Америка! МЛАДИЧОТ: Сум ја засакал од филмови и од цедеа. Цел живот сум сакал да шпартам по Њујорк, ноќе. ЖЕНАТА: А, како во шлагерот... МЛАДИЧОТ: Молим? ЖЕНАТА: Мислам на онаа мелодија, "Стрејнџерс ин д’најт". Беше популарна во мое време. Ние, знаете, мечтаевме со неа. Шетавме во мислите под облакодерите на Њујорк... Таа слика постојано ми се враќа... Наоколу летаат долги црни лимузини, жолти таксија, испарува од шахтите на подземната железница, неонот свети по влажниот асфалт, а од некаде се слуша саксофон. Во близина, некој, со душа свири џез ... МЛАДИЧОТ: (Повеќе за себе) Рап. Ист коуст хип-хоп. ЖЕНАТА: ... А ти, ти гледаш, збунет од светлините што блескаат на сите страни. Се капеш во светлина. Неонот ти игра по лицето, а градот околу тебе блеска. Шеташ по Бродвеј и, наеднаш, некој те вика. (Кон младичот) Како Ви беше името, младичу? МЛАДИЧОТ: Гордан. ЖЕНАТА: Ете. "Гордон!", Ве довикува. Вие се вртите. Не Ви се верува. Само два чекори зад Вас, со цигара во раката, со една ноншалантна, скоро мангупска насмевка, стои тој... МАЖОТ: Кој, ма? ЖЕНАТА: (Не му обрнува внимание, кон Гордан) Френк Синатра. МЛАДИЧОТ: Фет Џо. д’Генгстер. Така го викаат. Он е мој омилен рапер. Он ми е сега најголем идол. Прави жестока музика. Синатра е одамна мртов. ЖЕНАТА: Не сум баш сигурна, младичу, не сум баш сигурна. Важно, тој стои во маглата од пареа и од асфалтните испарувања на светнатата улица, и додека Вие останувате изненаден, Ве повикува, на чашка, во барот, тука, во соседство, во некое тивко уличе зад аголот... (Се врти кон Младичот) Така е, нели? МЛАДИЧОТ: Можда. Од кај знаете? ЖЕНАТА: Од искуство, младичу. Тој сон го сонувала и мојата генерација. Јас сум учителка, втора генерација од по војната. Во оваа земја исто фантазираат сите. Се менуваат само имињата на ѕвездите и на местата. Мојата генерација фантазираше за Хари Џејмс, Естер Вилијамс и Калифорнија. Наредните генерации за Битлси и Лондон. Вие, ете, за Њујорк и за тој, Гангстерот. Нема ништо ново, младичу. МАЖОТ: (Порасположен, со насмевка) Ништо ново. И мие така сме се занесуеле. Исто по амерички ганстери. Не само ја, сите у маало... Божем сме у Чикаго, знаеш у оноа време - Елиот Нес и прохибиција на алкохол... А бе мали, сигурно не сакаш од ракиичкава? Земи, ќе се каеш. МЛАДИЧОТ: (Остро) Не сакам. МАЖОТ: (Одмазднички) А тоа сонот, да знаеш, ептен ти е бајат! ЖЕНАТА: ... Исто било и пред тоа, тогаш Париз бил во мода. МАЖОТ: И Ориент-експрес. Воз на линија Цариград- Лондон, и обратно. Алè- ретур. Све е исто, бе, вие личите на нас. Нема бегање. Све е само - алè- ретур. МЛАДИЧОТ: Не личам ја на никого. Ја личам на себе. Дури ни на татко ми не личам. Ја поише личам на некој откачен хакер од Вајоминг, него на вас. МАЖОТ: Да де, а ја аутоматски личам на Хемфри Богарт од филмот "Афричка краљица". МЛАДИЧОТ: Видете се какви сте, бе. Као карикатури од прошли век. МАЖОТ: Тачно. И сме се дружеле со анумки, со револуционери, со паши и со бегови. Ја, лично, од табакерата на Гоце Делчев сум изгребал цигарче, а на Кемал Ататурк место стариот фес, новата шубара сум му ја продал. Ја набавив овде, од скопските кожари. За Гоце и за Кемал си слушнал ли? МЛАДИЧОТ: И за Тито. МАЖОТ: Е, за него ја нејќам да чујам. МЛАДИЧОТ: За него Словенците отворија специјален веб-сајт. МАЖОТ: Што отвориле Словенците за него? МЛАДИЧОТ: Страница на Интернет. МАЖОТ: Страница? Е, има да си ја листаат сами. ЖЕНАТА: Залудно е, младичу. Нема повеќе фантазии. Ги немате особено вие. Сонувате, ете, рече господинот, бајати соништа за светот. Не гледате ли дека светот е сега овде. Светот е денес таму кајшто е најжестоко. МЛАДИЧОТ: Светот е на друго место. Овде се само нивните телевизии. Сакаат да нне гледаат на "Вести". Да нне гледаат к’о у телевизиска сапуница у продолженија. По дневните соби, за релакс, у "брејкинг њуз". У приватните куќи со задни дворови, дур’ им се лади вечерата извадена од микробранови печки. Нејќум бе да ме гледаат на Си-еН-еН и на Дојче веле, као да сум ѕверка од афричко сафари. Сакам да имам свој живот. Нејќу више да сум статиста од нивните вести. МАЖОТ: Така е створен овој свет. Као циркус. Едните да скротујат лавчиња и тигри, другите да сеират, да грицкаат пуканки и да се смеат. ЖЕНАТА: Нема забава со туѓа несреќа. И ним може повторно да им заигра мечката во дворот. МАЖОТ: Поарно да не игра. Коа играла мечката кај нив, па’ сме наебуеле ние. 2. Бостон, аеродром Полетува авион. Најава на аеродромски разглас. Шум од врвулица. Пем и петгодишната ќерка се во чекална. Облечени се конвенционално. Влегува Роуз. Полничка е. Носи широки куси панталони, откачена Т-маица, патики и фотоапарат околу вратот. Ги бара во врвулицата. ПЕМ: Роуз! Роуз, тука сме! Се прегрнуваат. РОУЗ: (Егзалтирано) О, боже фала ти! Мислев дека сте заминале, Пем. Оној идиотски таксист го промаши гејтот. Изгубив толку многу време додека го најдов. (На девојчето на Пем) Кукле, па ти толку си пораснала. Си била ли друг пат во Дизниленд? Сакате да ви признаам? Ова ми е мене четврти пат. И знаете што, нема да биде и последен. (Се смее) Многу се радувам што ќе одиме заедно. ПЕМ: Добро, добро... РОУЗ: Еј, чекајте малку, сакам да ве сликам. ПЕМ: Доцниме Роуз. Само што го објавија последниот повик. Чувај го филмот за Дизниленд. Ајде, побрзај. РОУЗ: Но, Пем душо, јас ја сменив картата. ПЕМ: Како тоа мислиш? РОУЗ: Мислев дека нема да го стасам овој лет. Си купив карта за следниот. ПЕМ: Си купила карта за следниот? Тогаш што чекаме ние? ОК, Роуз, се гледаме во Лос Анџелес. Ќе се најдеме во хотелот. Резерваците ни се потврдени. Чао. Ја зема малечката за рака. Забрзано одат. РОУЗ: Еј, чекајте малку. Пем и малечката се вртат кон неа. Таа ги фотографира. Блеснува блицот. Ги осветлува нивните возбудени лица и забрзаната поза. Се слуша разгласот. 3. Железничка станица, Скопје Чекална во железничката станица. Мажот, жената Младичот. МЛАДИЧОТ: Фала богу што возот касни. ЖЕНАТА: Како тоа мислите! МЛАДИЧОТ: Нема врска. Колку е часот? МАЖОТ: Не знам. Откако отидов во пензија не носам саат. А и што ќе ми е. Овде и онака времето стои. ЖЕНАТА: Стоиме ние. Времето се меша. Овде се враќа минатото. МЛАДИЧОТ: Боже, никогаш не научи да доаѓа на време. Среќа што и возот касни. ЖЕНАТА: Вие чекате некого? МЛАДИЧОТ: Да, мојата девојка. МАЖОТ: Што ако дојде возот. Ќе ја откачиш ли женската. Се гледа многу си наоштрен да му ја летнеш, бе братче. Младичот остро го погледнува. ЖЕНАТА: Зборувавме за други нешта... МАЖОТ: За белосветските сеирџии, за тоа праевме муабет. За тие што они (покажува со глава на момчето) ги имитираат као млади мајмуни. За циркусов што ни се случуе овде. За тоа зборевме. (Си витка цигара, кон Жената) Интересантно, госпожа, дека младиве уопште не маштаат за оваја земја. Све нешто за странство, за у бели свет... МЛАДИЧОТ: Што знаеш, бе, ти за тоа. Ја знаеш само пругата од Скопје до Куманово и назад, а цело време ни се пењавиш тука. МАЖОТ: Сум патуел ја колку што ти низ Скопје не си се возел. МАЛАДИЧОТ: Да, де, од Блаце до Прдејци, со повратна карта. МАЖОТ: Со слободна карта, дечко. Цел живот у железница сум работел. И у тој твој Марибор сум бил, само колку да знаеш. ЖЕНАТА: Смирете се, господине. (Кон Младичот) Сепак не личи така да зборувате со постар од себе... МЛАДИЧОТ: Сите, бе, уживате да држите лекции. Татко ми дома, од парламент оние, овде вие... Сите нешто памет продавате. Од кај до кај, покрај толку многу памет, вака глупо заглавивме? Сте виделе десет филма, сте научиле пет светски града и три имиња, а со години ни држите лекции од светска мода и географија. ЖЕНАТА: Од историја, младичу. Од историја... А историјата се повторува. МАЖОТ: Се повторуе, дечко, ама као фарса се повторуе! (Кон жената, откако оваа изненадено ќе го погледне) Од Маркс е тоа, не е сасвим мое. МЛАДИЧОТ: Ништо не се повторува, вас ве учеа на репризи. Ссе само еднаш се случува. Само еднаш се живее. Она што ти се случило тебе, не ми се случило мене. Секој, бе, треба да си го одработи својот дел. Вие све што сте сработиле, све и сте упропастиле. Не мрдаме од место, баш зашто тоа го сакате вие. Сакате да се мењаме, а све да остане на исто. Затоа не личиме на вас. Поише личиме на нашата геренација у светот, бе, него на вас. Се допишуеме со цел свет на енглески. Сурфаме по цела планета. Махери сме за компјутери. МАЖОТ: Голема работа! МЛАДИЧОТ: Растураме на интернет. Што знаеш, бе, ти за интернет? Ништо. Божем знаеш за војната, а барут не си помирисал. Ти си - се гледа - од онаа генерација заглавена у меѓувреме. Тогаш: рано да бидеш партизан; сеа: касно да бидеш резервист. Железничар, од оваа забраена станица, ете тоа си ти. Ја, бе, на компјутер сум водел и војни, затоа сум одбрал да си идам. Ама таму пукаш со џојстик. Ако виртуелните војни се така жестоки, какви ли се, тек, овие, стварниве. Жената, замислена, оди на страна. Замислена и свртена е со грб кон нив. МАЖОТ: Ја ќе ти кажам. Прекрасни се. Пукаат малце они на тебе, пукаш после и ти на нив. Така вика син ми. А он, за разлика од тебе, не пука на тоа...џо-стик. МЛАДИЧОТ: Ти си крив. Што не си му купил компјутер на време. МАЖОТ: Што ќе му е, бе, на син ми компјутер? Нема он време да се занесуе. Нема татко му приватна фирма. Една пензија и казаните за ракија. МЛАДИЧОТ: Компјутер, за да сурфа. Да се откачи на кратко. Да смени место. Да ја дувне бар за малце одовде, и кога не може да бега. Не да чека на пусија и да пие ракија. МАЖОТ: Бљуј ти, само бљуј. Тоа ви е све што знаете. На компјутори работите, никаква култура немате. ЖЕНАТА: (Се врти) Можеби имате право младичу. Сега не знам ништо. Порано знаев ссе. Сега ништо не ми е јасно. Веќе 15 години сум во пензија. Предвремен пензионер. На времето, се залагав за самостојна држава, но пред да дојде време за тоа. Да почекав уште 5 години, ќе ме пензионираа како функционер во Министерството за просвета, не како обична учителка. Ссе треба да се прави во свое време. Не чини ни порано, ни подоцна. МАЖОТ: Покрај тоа што овде не чини долго време. МЛАДИЧОТ: Ако не ви се допаѓало, требало да си одите. Што не сте заминале. ЖЕНАТА: Како вие, сега? МЛАДИЧОТ: Како ја сега. Сега, едвај извадив визи. Со тешка пара и тешки врски. Тогаш бар’ визи не ви требале. ЖЕНАТА: Никогаш не е доцна, млад човеку. Може и ќе си одам. МЛАДИЧОТ: А може више и ќе немате шанси, госпожа. Каде патувате? ЖЕНАТА: Блиску. Доволно е толку. МАЖОТ: Што ви е, бе, на сите! Сите само за заминување зборите. Мисли ли, бе луѓе, овде некој да останува, мисли ли? Пауза. Молчат тројцата, а потоа... МАЖОТ: Што работи татко ти? МЛАДИЧОТ: (Неволно) Птп. МАЖОТ: Што?! МЛАДИЧОТ: Приватно трговско претпријатие. Матка како и сите денес. МАЖОТ: Е, тие како него нне доведоа до ова дереџе. МЛАДИЧОТ: Он е како тебе. Он вика ќе остане. Ти, вика, прај што сакаш. Ја од овде не мрдам, со мука овоа парче простор сум го стекнал, не давам никој да ми го земе. А, тебе нека ти е широк патот. ЖЕНАТА: Татко ви има дуќанне МЛАДИЧОТ: Три. МАЖОТ: Не му се оставаат дуќаните. Татко ти не го боли земјава, го боли ќепенокот. Затоа сака да остане. Во скора иднина, кога ќе си заминат сите други, оваа земја ќе ја населуваат само трговци. Место држава, ќе биде Трговска комора. МЛАДИЧОТ: Ќе престанеш ли бе ти да вреѓаш! На крајот, кој си па ти? Што ти си напраил у животот? МАЖОТ: Сум се возел, бе! Пола сум се возел сам, пола ме извозиле други. Што сум напраил у животот? Едно дете. Што требеше поише? Тоа највише и ми вреди. Иначе, животот сум го промашил. А знаеш зашто? МОМЧЕТО: Ајде да ја чуеме и таа голема мисла... МАЖОТ: Зарад’ таквите као татко ти. Сум се занесуел, бе. Сме мислеле дека го спасуеме светот. Сме мислеле, за разлика од вас, највише на другите. Што ќутек сум јал зарад’ тој занос, што понижења сум искркал! Па што ако. Сега кога ве гледам вакви, ни за тоа не ми е жал. Ја, бар, сум имал младост. Ние сме имале идеја, што имате вие? ЖЕНАТА: Ако ме прашате, и јас мислам исто, младичу. Тие идеи – како на господинот – додуша, никогаш не сум ги сакала. Комунизмот сум го презирала, но и јас сум како него (покажува на Мажот) на исто. МАЖОТ: Па нормално, генерација сме!... Иако ми се чини дека ти си нешто постара. ЖЕНАТА: Сум го промашила ли, си велам понекогаш, јас животот? Имав маж, бог да го прости, но немавме деца. Порано мислев, ете немам свои деца, ама ги имам учениците. Ако не своите сопствени, ќе ги воспитувам тие деца, новите генерации. Сега гледам какви генерации сме создале... И тие (покажува на Мажот), и ние. Не сме ги учеле ние на тоа. Сме ги учеле на работни навики, на љубезен збор, на добро однесување... МАЖОТ: А еве ти на, да видиш што сте створиле. (Покажува со главата кон Младичот) МЛАДИЧОТ: (Кон неа) Да де, вие нне учевте и нне воспитувавте, само ние чурук испаднавме. И што нне учевте? "Шана шие на машина" и "Убавиот збор волшебни врати отвара"... Ни Шана шиела на машина него се тепала да биде директор на Основна организација на здружен труд, ни убавиот збор некогаш, овде, врати отварал. Овде, врата, или со врска или со нога се отвара. Шана била ќерка на партизан, после и партиски функционер, а железните врати стоеле пред куќите, фабриките и дуќаните на предвоените газди. Сте ги смешале бајките, ма. Социјализмот на Шана со пештерата на Али-баба!... ЖЕНАТА: Ништо јас не сум смешала. Нам ни земаа исто така имот, а остататокот татко ми ии го даде на народната власт. "Експропријација-експропријација", велеше. "Ако така било пишано, поарно нека оди за народот." Мислевме дека власта ќе биде народна. МАЖОТ: И беше, да не не беше? ЖЕНАТА: Излезе дека истите два пати експроприраа. Еднаш нашите имоти, проповедајќи социјализам за сите, втор пат социјалистичките фабрики, продавајќи ни капитализам, за себе. МЛАДИЧОТ: Па што се лажете тогаш? ЖЕНАТА: Мислев дека е тоа друга приказна. Не само јас. Сите мои колеги. Се нарекувавме просветари. Мислевме дека описменуваме и воспитуваме, дека внесуваме светлина во мракот. Мислевме дека учиме деца, како да станат луѓе, како да ја сакаат оваа земја, можеби мала, скромна, но наша. Мислите дека грешевме? МАЖОТ: (Патетично) Апсолутно. (Таа го погледнува) Мислам апсолутно сте у право. ЖЕНАТА: Оваа земја можеше да биде ѓул-бавча, да стане една плодна овошна градина... МЛАДИЧОТ: (Не ја слуша, продолжува, иронично декламирајќи) Плодови од овошната градина: ресенско јаболко, делишес и златен делишес, крушки караманки, цреши охридски... ЖЕНАТА: ... Од кај изникнаа олку арамии на сред бел ден, од кај ли се појавија олку властољубивци, примитивци, си велам понекогаш... МЛАДИЧОТ: ....смокви од Гевгелија, сливи малешевки, боровинки од Шар планина, шипинки од Шипковица... ЖЕНАТА: ... Ги учевме на правилен говор. На чесно однесување. На патриотски вредности. Кој ли ги сврте кон парата, кон рушветот, од кого се заразија со себичност? Кога толку им се снемили земјичкава? Како од крадењето си направија татковина, а од власта домашно двориште... МЛАДИЧОТ: Калинки од Валандово, актинидии од домашно прозиводство, банани од увоз... ЖЕНАТА: Последен пат книга, со училишната лектира прочитале. Книга не читаат, а за лажни книговодства се експерти. Имаат полни џебови, а внатре се празни. Вили градат, која од која поголеми, а кого и што во нив ќе населат, празнината ли? МЛАДИЧОТ: Грозје Кавадаречко, лоза Демиркаписка, мастика Струмичка, ракија Неготинска, ж’та... ЖЕНАТА: Не знаат што е убаво, само знаат колку чини. Човекот со знаење не го проценуваат, туку по цената тој час што му ја даваат. Имаш-чиниш, немаш-за нигде си. Вредноста викаат на берза се мерела, а човечките мерки ги изгубија. МЛАДИЧОТ: ...скопски мушмули, бела дудинка од Куманово, карадутки од Карадак... ЖЕНАТА: Кај ли згрешивме, ѓавол ќе го знае. Важно војна не заслуживме. МАЖОТ: Заслуживме. Како не. Историјата казнува. Да бидеш во циркус. Да те сеират други. Да бидеш у фарса. Ненаејно бликнува пареа низ портата што води кон перонот. Се слуша кочење и запирање на воз. ЖЕНАТА: Стигна возот. Луѓе, стигна возот! Го зема својот куфер и тргнува кон излезот за перонот обвиен во густа пареа од штотуку пристигнатата локомотива. МАЖОТ: Ете до кај стигнавме, у време на електрични возови, парните локомотиви ги активирале. МЛАДИЧОТ: Не е битно. Доста беше. Идам од овде, ако треба и на парен ваљак. Заминува и тој во облакот од пареа. МАЖОТ: Реков ја ќе ја откачиш и женската. Ќе ги оставите бе и оние што ги сакате. Само да му ја летнете од дома. Се стрчува и тој кон перонот... Неочекувано се враќаат наназад, и Жената и Младичот и Мажот, сите стаписани. Излезени од возот, низ облакот од пареа, во чекалницата истрчуваат американски војници под полна воена спрема, со автомати во рацете и во маскирни униформи. ВОЈНИК 1: Nobody move! ВОЈНИК 2: Hands up! ВОЈНИК 3: Up,up, up, up! ВОЈНИЦИ, 1, 2, 3: Up,up, up, up ! Сите се скаменуваат. Тишина. Војниците разгледуваат. ВОЈНИК 1: Is this Afghanistan? Мажот, жената и младичот се стаписани. 4. Авион за WTC Аеродромска чекална. Млад офицер во американска униформа. Седи нога преку нога на една од столиците. Чита "New York Times”. Покрај него е неговиот кожен куфер на влечење. Влегува еден човек во црн костум и црна кравата. Во рацете држи црна актовка. Беспрекорно е облечен, со сериозен изглед. Седнува и тој, и отвора "Time” магазин. Ја прекрстува и тој ногата. Двајцата читаат. Се вклучува аеродромскиот разглас. Двајцата ги креваат главите. СЛУЖБЕНИЧКАТА (off): Летот на "American airlines” бр. 132 од Вашингтон за Њујорк е одложен на неодрередно време... Летот на "American airlines” бр. 132 од Вашингтон за Њујорк е одложен на неодрередно време. Двајцата се погледнуваат. ОФИЦЕРОТ: Не е можно. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Можно е, како не. Во војна сме. ОФИЦЕРОТ: Сме биле во војна и порано, па ссе функционирало. Ова е првпат работите да одат олку наопаку. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Секогаш постои прв пат, пријателе. ОФИЦЕРОТ: (Мавта, немоќно, со главата) Мислам: ова е веќе невозможно. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Јас мислам: ссе е веќе возможно. ОФИЦЕРОТ: (Нервозно станува) Вечерва требаше да се вратам во Вашингтон. Имам важен состанок, не смеам да го пропуштам. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Зошто, тогаш сте заминувале? Требало да мислите на околностите. Сите ссе уште се однесуваме како ништо да не се сменило. ОФИЦЕРОТ: Јас сакам да е така. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Ама, ете, не е. Ништо не е исто по паѓањето на двете згради во Њујорк... ОФИЦЕРОТ: ...и во Вашингтон. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Ни тоа не е така. Вашингтон е ист. Менхетн веќе не е. ОФИЦЕРОТ: Не е ни Вашингтон. Барем за мене не е. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: (Внимателно го погледнува) Загубивте некој близок таму? ОФИЦЕРОТ: Подобро речено, се најдов себе си. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Смешно. ОФИЦЕРОТ: Нема врска. Оставете. Молчат. Продолжуваат да читаат. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: (Нестрпливо) Не разбирам како сте можеле да се пронајдете во една таква трагедија. ОФИЦЕРОТ: Одите ли во театар? ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Какво е тоа прашање сега... ОФИЦЕРОТ: Сте чуле за Хамлет, за духот на татко му, таа приказна? ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Боже, да. Кој не чул. Иако овие прашања обично се очекуваат од други, никако не од војници. ОФИЦЕРОТ: Мене ми се случи токму тоа. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Вашиот татко загина во Пентагонне ОФИЦЕРОТ: Не. Јас се спасив. Мојот татко е одамна покоен. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: (Директно го гледа. Не разбира. Љубопитен е. А молчи) ОФИЦЕРОТ: Татко ми почина од рак на црниот дроб пред седум години. Беше офицер и кариерата ја заврши со висок чин. Интересно, беше човек од строги принципи, а секогаш имаше една добра и срамежлива насмевка. Беше вистински војник. Сакаше таков да бидам и јас. Уште во детството ме ставаше под режим. Потоа на остри дрилови. Ме носеше на кампувања и на експедиции, ме оставаше со часови без вода или, навечер, на студ. Сакаше да созаде цврст војник од мене. Мислам дека не успеа во тоа. И мислам дека и тој тоа добро го знаеше. Еднаш дури и ми го рече тоа. Веќе беше тешко болен, но на усните ја имаше таа своја питома насмевка. И така... Беше погребан со сите почести на гробиштата во Арлингтон. Јас завршив воена академија и сега работам во Пентагон. Секој ден, одејќи на работа и враќајќи се назад, поминувам покрај гробиштата. Секој ден поминувам покрај татко ми. Еден ден го сонував. Стоеше некаде далеку и ми се насмевнуваше со онаа негова добра и срамежлива насмевка. Изутрина, одејќи на работа, додека метрото поминуваше покрај Арлингтон, не издржав. Отидов да го посетам неговиот гроб. Тој ден задоцнив на работа. Мислев дека ќе имам проблеми, а имав среќа. Замислете, беше 11 септември. Грабнатиот авион удри во делот од зградата кадешто се наоѓа мојата канцеларија. Верувате ли, мене ме спаси мојот покоен татко. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: (Го гледа не трепнувајќи) Ви верувам. ОФИЦЕРОТ: Да? Сите мислат дека ја измислив оваа приказна. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Не, воопшто. Знам уште една необична. Оваа е за две жени. Роуз и Пем. Беа најдобри другарки. Сакате да ја чуете? Еве. Тој ден Роуз планираше заедно со Пем и нејзината петгодишна ќерка да патуваат од Бостон за Калифорнија. Не знам со сигурност зошто, но во секој случај Роуз го смени летот. ОФИЦЕРОТ: Фала богу. Така се спасија, нели? ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: ... На авионот се качија Пем и малечката. Пем ми беше жена. Девојчето, ќерка. Ќерка ми многу сакаше да го види Дизниленд и се покажа дека тие денови е идеално за тоа: Роуз сакаше да ги придружува, јас бев во Њујорк... Но, ете, Роуз која веројатно задоцнила на заедничкиот лет, го испушти тој лет. (Гласот му трепери) И така, тие двете, жена ми и ќерка ми, се качиле на оној авион. На авионот што удри во првата кула на трговскиот центар во Њујорк. А во другата кула, верувате ли, се наоѓав јас. Како што гледате, јас успеав да се спасам. Ужасно, нели? ОФИЦЕРОТ: Апсолутно. Што се случи со Роуз? Таа се спасила, нели? ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Роуз се качила на следниот лет. Тоа беше авионот кој, нешто подоцна, удри во мојата зграда. Најдоа некои предмети од нив. (Го стега во грлото) Тука се, во актовката... Не знам што да правам со неа. Не знам што да правам ни со себе. Патувам од Вашингтон за Њујорк и обратно. Ја носам со себе оваа актовка, не ја отворам, и барам нешто. Нешто што никогаш повеќе нема да го имам. Кога купувам билет, ми доаѓа место за тука, да побарам билет за најдалечната земја на светот. Ми доаѓа да отпатувам негаде далеку кадешто ќе нема ниеден познат, кадешто нема да има ништо што ќе ме потсетува на сево ова... Не може да продолжи.. ОФИЦЕРОТ: Неверојатно. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Вие сте првиот што ја знае целата приказна. Премногу е неверојатна за да се раскажува. ОФИЦЕРОТ: Знаете, јас бев во Босна. Мислев дека таму се случија најстрашните нешта. Сега мислам дека најстрашните нешта ни се случиле нам. Човеку, ви велам, сево ова е невозможно. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Напротив. Ви реков, јас мислам дека ссе е веќе можно. Сосем неочекувано, како појава од друго време, во просторијата влегува еден човек во црн реденгот, иста таква пеперутка-машна и кошула со прекршена јака. Облечен е по модата од 19. век и делува нестварно. ЧОВЕКОТ: Извињите, хаќел бих пајехат в Канстантинопоље. ОФИЦЕРОТ: Constantinopolis? Do you speak English? ЧОВЕКОТ: (Ги поткрева рамениците) Parlez-vous Français? ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Вие сте Русинне ЧОВЕКОТ: Не, јас сум од Македонија. Знаете каде е Македонија? ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Oh, no. I’m sorry. ОФИЦЕРОТ: Знам јас. Сум бил во регионот. Сум служел во Босна. Кај вас сега има воени операции. (Се обидува на француски, со силен американски изговор) Des operations militaires... ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: О, кај нас секогаш имало воени операции. Toujours, mon ami! ОФИЦЕРОТ: Поручник Елсинор. ЧОВЕКОТ: Миладинов. Константин Миладинов. Драго ми е. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Извинете, господине. Сакам да Ве прашам нешто. Знаете ли која е најдалечната земја на светот? Миладинов сериозно го погледнува. МИЛАДИНОВ: Мислам, мојата. Ненадејно вниманието им го привлекува една појава. Офицерот е стаписан. Низ вратата влегува еден средовечен висок офицер во свечена униформа, со бели ракавици на рацете и седнува во чекалницата на другата страна. Миладинов го гледа стаписаниот поглед на поручникот Елсинор и самиот ја догледува сенишната појава на неговиот татко. Во тој момент влегуваат една црнокоса и една руса жена што за рака држи петгодишно детенце. Рут и Пем. Се стаписува и човекот во црно. Седнуваат до офицерот во свечената униформа. На неговото лице стои смрзната, срамежливата и добродушна насмевка. Миладинов погледнува во нив, па во двајцата стаписани свои соговорници. Еднаш, па уште еднаш. МИЛАДИНОВ: (Се закикотува) Ај мајката, што барам па јас тука? На прсти оди до групата на покојниците. И се наместува, седнувајќи, онака насмевнат, на едно место до нив. И живите и мртвите остануваат неподвижни. Ссе останува така. Возможно. 5. Симплон Воз со парна локомотива во движење. Групата на покојниците од претходната сцена се трансформира во патници на Симплонот Цариград- Париз од крајот на минатиот век. Офицерот на главата сега носи турски фес. Името му е Кемал. Дреме под фесот. Русокосата дама се осврнува на името Заза. Пуши цигар-шпиц. Црнокосата жена и детето речиси и не се менуваат. Миладинов останува ист. ЗАЗА: Le fume ne vous enquête pas? ЖЕНАТА ВО ЦРНО: Ништо не те разбирам мори душо. МИЛАДИНОВ: Вели, да не ти пречи цигарата. ЖЕНАТА ВО ЦРНО: А, не, не пречи! ЗАЗА: Peut-être a la petite? ЖЕНАТА ВО ЦРНО: Што вели? МИЛАДИНОВ: А на девојчево? ЖЕНАТА ВО ЦРНО: Не џанам, учена си е таа. (Кон Заза. Вика и гестикулира како да зборува со полуглув) Учени сме си ние. Тука - Турција! Тука - болук каве и ’ногу тутун пијаме. Сите пијат. Кој цигаре, кој качаче, нарѓуле, хашивче, катранче афионско... Афион кај нас расте по полињата... ЗАЗА: Ah, oui. (И’ дава знак да не вика, покажувајќи на заспаниот) ЖЕНАТА ВО ЦРНО: (Продолжува на ист начин, со продорен шепот) Кај нас, госпоѓо, и на мали деца афионче им даваме. Троичка. Дур’ се бебиња, да спијат поарно, аха. Аргатлакот раат да си го тераме. (Кон Миладинов) Кажи ии, кажи ии. КЕМАЛ: (Со затворени очи, тивко) Затни ја устата и не трескај глупости. Жената во црно се саштисува. Девојченцето уплашено го погледнува турскиот офицер. Заза тоа го забележува. Тој го мести фесот. ЗАЗА: Qu’s-passe, chérie? КЕМАЛ: Rien de tout, Zsazsa. (Кон жената, спокојно) Насмевни се. Ете така. Се изнатреска, ти, глупости пред гостинкава. Излезе дека сме тука ссе пушачи, копуци и ашишлии. А јас цело време ја убедувам дека ова е свет, домаќински, честит и пристоен. ЗАЗА: Kemal chérie ou sommes-nous? KEMAL: Tout après Salonique, chéri. ЖЕНАТА ВО ЦРНО: Леле-леле, проштевај, бегу, не мислев така. КЕМАЛ: (Спокојно) Насмеј се, мори. Што си се пеплосала така. Ја плашиш гостинкава. А така! Инаку ќе излезе дека сме кај прости,уште и сурови. ЖЕНАТА ВО ЦРНО: Да ии речам дека не пијаме ништо? КЕМАЛ: Доста ии рече. (Кон Миладинов) Каде сме, господине? МИЛАДИНОВ: Како што ии рековте на дамата, ссе уште кај Солун. КЕМАЛ: Вие, гледам, зборувате француски. МИЛАДИНОВ: Како и Вие македонски. КЕМАЛ: Јас сум одовде. Роден сум во Солун. Долго служев во Битола. Се дружев со Ваши чорбаџии. Со што се занимавате? МИЛАДИНОВ: Учител сум. КЕМАЛ: На кој јазик предавате, даскале? На Булгар-македонне МИЛАДИНОВ: Предавам на Македон, зборувам Руски, пишувам со нивни и со бугарски слова, владеам грчка ортографија, а – вака – муабет правам и на Турски. КЕМАЛ: О, знаете толку јазици? Колку јазици знаеш, за толку луѓе вредиш. МИЛАДИНОВ: Тука сме сите полиглоти, ефенди. Голема ни е заедничката држава. Јазиците ни требаат за алаш-вериш. А и за повеќе да вредиме. Еве и женичкава, згора-здолу, ќе се разбере со Вас, ако треба и на турски. ЖЕНАТА ВО ЦРНО: Јок џанам, не зборвам јас ич турски. (Кон Кемал) Ама, ефенди, арам да ми е бре. Јаз’к да ми е. А да ии кажам, сепак, на анамкава твоја дека не пијаме ашиш тука? Можи малку ракиичка, и толку. Да ии кажиме, кизнај шо ми текнало така да речам, устава да ми се запусти? КЕМАЛ: И таа пие. ЖЕНАТА ВО ЦРНО: Ракија?! КЕМАЛ: Ни ракија, ни тутун. ЖЕНАТА ВО ЦРНО: (Запрепастена) Аман, бре, бегу, како така?... Заре’ и таа се дамлосува од чадење. КЕМАЛ: И не ми прај театро тука. Жената ја погледнува Заза запрепастено. ЗАЗА: Qu est ce que tu ha dit, chéri ? КЕМАЛ: J’ai dit que tu et une actrice du théâtre, Zsazsa. La Grande Zsazsa Gabor. ЗАЗА: Connaissent-ils mon nom? ЖЕНАТА ВО ЦРНО: (Кон Миладинов) Што вели госпожава? МИЛАДИНОВ: Вели, била многу чуена. Играла на театро. Дали си ии го знаела името. ЖЕНАТА ВО ЦРНО: На театро? (Тивко) Резил. Уште пак името да сум ии го знаела на ченгијава! Их! Името да ии се сотре. КЕМАЛ: Mais bien sur, mon chou-chou. ЗАЗА: Kemal, cette pauvre petite femme, aussi? КЕМАЛ: Mais oui, amour. Regard. (Кон Жената во црно, покажувајќи на Заза) Ако ти речам дека ти си еден обичен Габор и Зараза божја, ти што ќе ми речеш мене? ЖЕНАТА: (Покорно потврдува со главата) Пеки, бегу. КЕМАЛ: Voilà ! Заза е воодушевена. Станува, смукајќи од чадот. И’ се свртува во главата и паѓа во рацете на Кемал. Тој ја седнува на ново место. Сега Миладинов стаписано гледа кон неа. Таа трепка со очите, повеќе од актерската суета одошто од опојниот чад. КЕМАЛ: (Кон Миладинов) Насмеј се и ти малку бе даскале. Така, аби. Нас од Истоков тие нне познаваат поради искреноста. Ни ја читаат душата од лицата. И што имаме ние од тоа? Ништо. Скриј ги малце чувствата, џанам. Стави маска на лицето. Ја гледаш ли неа? Мислиш дека ии се смее душата, како што лицето ии покажува? Сега ии се врти во главата од чадот. Љубовница ми е веќе со месеци. Нејќеше да си оди од Стамбол, па јас ја носам во Париз. Се заљуби во нас: во Стамбол и во мене. Пие, како во нашиве краеви да е родена, ашиш и тутун, благ шарап и лута ракија. И игра на караѓоз пердеси, таму во нејзината земја. Кај нас тоа е за срамота, кај нив е, гледаш, за фалење. (Спокојно) Насмеј се, бе даскале, нели ти реков да се насмееш. МИЛАДИНОВ: (Збунет) Madame, je suis enchante de vous avais connu. Moi je suis en poète. ЗАЗА: Quel honneur, monsieur... МИЛАДИНОВ: Miladinoff. Constantin Miladinoff, Madame. КЕМАЛ: Поет? За што пеете, господине Миладинов? МИЛАДИНОВ: За патувањето. За егзодусот. За заминувањето. Кај нас тоа е честа тема во народните песни. ЖЕНАТА ВО ЦРНО: Така си е, даскало к’о шо вели. Си патуваме ние. Цел век така. Од дедо и предедо ссе така, аха. А еве, галиба, и јас и чупево мое си патуваме. Од битолско сме. Маж ми е меанџија. Спастривеме некоја паричка на страна, а домаќино вели, одете, одајте, вели, шетајте, ја што морам в дуќан да седам, вие баре видете малце бел свет. Очите да ви се отворат. Чупето, вели, нешто да научи. И така ние си патуваме. Од Стамбол за Скопје ојме. И таму, и таму, ссе по роднини. Дома не ни се враќа, ако ме веруаш... Девојчето заспало во скутот на мајка си. Таа полека ја крева и ја остава така да спие на седиштето. ЖЕНАТА ВО ЦРНО: (Кон Заза, ии покажува на заспаното дете) Види, мори госпожа! ЗАЗА: (Лелејаво, театрално) Oh, pauvre petite. ЖЕНАТА: (Љубезно) Од чадот е. Ш’убо, ми го заспа малку чупчево. Ако. Да му се скрати малку патувањево. ЗАЗА: (Со отсутната, лелеава насмевка) Qu’est-ce qu’elle dit? Ненадејно, силно запукува од поголем број пушки. Фрчат куршуми од сите страни. Девојчето се буди и плаче. Сите се засолнуваат. КЕМАЛ: Комити? Кемал го вади пиштолот. МИЛАДИНОВ: Мислам дека овој пат се Качаци. Кемал пука. Заза, сета лелеава, станува од подот. ЗАЗА: (Театрално) Je vous en prie, ne tirez pas plus. Il y a des enfants ici! Пукот. По лицето ја цимнува куршум. Таа се фаќа за цимнатото. ЗАЗА: Mon visage! Oh mon pauvre visage! Cochons! МИЛАДИНОВ: Ils son Albanes, madame. Une Bande des Katchacs! ЗАЗА: Balkanès! Престанува пукањето. Кемал ја прегрнува Заза. Таа се тресе. ЗАЗА: Idiots, primitifs... Ils n’ont pas ni en simple respect pour les dames! ЖЕНАТА: Што вели, кутрата, бегу! КЕМАЛ: (Кон жената) Насмеј се мори! Така. Видиш ли што стори? Не гледаш дека, за сево ова, ти си крива? Жената погледнува во девојчето. Ужас ии се појавува на лицето. Вреснува. Заза се тргнува. Сите се сепнуваат. ЖЕНАТА ВО ЦРНО: Детево! Луѓе детево, не ми диши. Стани мајка, кажи нешто! Детево, чупево, бре луѓе ми го убија! Ровја да ги убие. Господ да ги стрешти. Одете рече, маж ми, одете од село, бегајте, некаде кајшто е мирно. Не гледате, вели, што зулум тука се праит. Та Турчин, та кумита, само ако пушка носит. Земи го, рече, чупево, и одете. Три деца в село, бре луѓе, ми умреа. Ова сугарево само ми беше останато. Ојдовме во Стамбол, нне истераа. Појдовме, ете, за кон Скопје кај роднини да останиме, а тука, бре, ссе дабетер ти било. Види госпожо, види, детето ми го убија. Види што караѓоз пердести овде играме. Таму вие на театро одите да видите како се умира. Овде такво театро наживо се прави. Заза Габор се онесвестува во рацете на Кемал, идниот паша Ататурк, во возот Симплон на пат од Цариград кон Париз, некаде во близината на Скопје, кон крајот на изминатиот век. Возот кочи. Се слуша шиштење на пареа. Цвилење на кочници. Возот запира. Од надвор допираат извици. ИЗВИЦИ: (На Турски) УСЌУБ, УСЌУБ! ХОШГЕЛД’Н’З УСЌУБ- ДА!... MESSIEURS DAMME, BIENVENUE A USCUB! SKOPIE! SKOPIE! Жената со детето в раце излегува. Офка, тажи. Миладинов станува, погледнува во патниците. Сите гледаат на различни страни. Миладинов тивко заминува. 6. Hijacked Силно бруење на авион. Пем и девојчето седат престрашени на седиштето. Бруењето расте. На големиот екран во позадината се покажува документарната снимка од доближувањето на авионот кон првата од двете кули на Светскиот трговски центар во Њујорк. Бруењето на авионските мотори станува неиздржливо. Пем го прегрнува девојчето. Има ужаснат лик. На големиот екран - авионот удира во Њујоршкиот облакодер. Overlapping од повеќе кадри. Страшна експлозија. Сликата на екранот се затемнува. Ссе потонува во мрак. 7. Скопје, железничка станица Чекалница на железничката станица. Втрчува Маја, млада девојка, модерно облечена. Бара некого. Истрчува до излезот кон перонот. МАЈА: Горданне Никој. Истрчува до излезот кон перонот. МАЈА: (Вика) Гордан! Гордане! Очајна е. Паѓа на коленици. Плаче. МАЈА: А ми вети дека од овде ќе си идеме заедно. Ми вети ... Од перонот, во чекалницата влегува Миладинов. Подзапира, сака нешто да ии каже. Ја гледа. Миладинов полека заминува. МАЈА: Што да праам сега? Кај да го барам? Кај да те барам бе педер еденне Се појавува Гордан. Вика нешто. Грозничаво гестикулира. Како да се наоѓаат во различни димензии, таа не може ниту може да го види, ни да го чуе. Сосем неочекувано, како звук навеан од далеку, започнува да се слуша мелодијата "Њујорк, Њујорк". 8. Брзиот воз за Куманово и Загреб, преку Белград Возот стои на скопската станица... Истите од Симплонот, без Жената во црно и без Миладинов. Нови патници влегуваат во возот. Им се придружуваат ликовите од Првата сцена: Жената, Мажот и Младичот по име Гордан. ЖЕНАТА: Слободно? Заза не ии одговара. КЕМАЛ: Седи. Жената седнува. Возот поаѓа. МАЖОТ: Сите се овде како омајани. Од патот ќе да е. МЛАДИЧОТ: Од тревката. Човече, овде страшно мириса на тревка. МАЖОТ: И по возови ли бе почнаа дроги да пушат? Пропаѓа земјава, ја што ви викам. Ни униформа више не се почитува. МЛАДИЧОТ: Странец е. МАЖОТ: Гледам. Ќе да е од НАТО. Никнат и кај не ги сееш. Еве почнаа и по брзи возови да ни се качуваат. Ду ју лајк ракија? Македониан виски, ама хоум. Јас ја печам. Твенти доларс шише. Кемал го игнорира. ЖЕНАТА: Оставете ја трговијата сега човече. (Кон Кемал, љубезно, покажувајќи кон прозорецот) Да отвориме малку, господине? МЛАДИЧОТ: Само што сакав да кажам... КЕМАЛ: Отворете, кој ви пречи. МАЖОТ: Ај мајката! Ти бе наш си бил. (Сомничаво) Да не си од националностине? ЖЕНАТА ВО ЦРНО: (Му дава ишарет да замолчи) КЕМАЛ: На вие!... МАЖОТ: Нави’е? Не сум слушнал за таков народ. ЖЕНАТА: (Сака да го опомене) Сака да не му говорите со "ти”. МАЖОТ: Види богати, а ја па’ ич не разбрав. Добро ма госпожа, што си се закукумјавчила пак? (Повторно кон Кемала) Ти, кардаш, како Турчин да си. КЕМАЛ: А ти како да си многу прост. Заза пак го пали цигаршпицот. Жената ја погледнува Заза со збунет израз, на пол пат меѓу протест и љубезна насмевка. МЛАДИЧОТ: Човече, дамава е тежок наркос. МАЖОТ: (Не го слуша) Гледате ли бре луѓе? Ете како аздисаа. Ти него човечки, он тебе душмански. Нема бе, нема више живот со нив. Готово. Олдибити. ЗАЗА: Il est Türk? КЕМАЛ: Mais non, pas du tout! ЗАЗА: Un comitadji? КЕМАЛ: Peut-être! МАЖОТ: (Го растерува чадот од нејзината цигара со рака) Кој, мори, комита? И нив како и овие од НАТО, со очи нејќум да ги видам. МЛАДИЧОТ: Има ли некој што тебе ти се допаѓа. Да немаше овде никој, ти и со себе ќе се скараше. МАЖОТ: Ако не бев во право! КЕМАЛ: Je pense que il est fou! МАЖОТ: (Кон Жената во летен фустан) Што вика, разбираш ли нешто. ЖЕНАТА: Вели, да не си улав. МЛАДИЧОТ: (Кон Мажот) Остај ги. Дамава е дамла. Цела е надувана. МАЖОТ: Ти, бегалец, на страна. Немој да мислиш дека сум смекнал кон тебе, ако сум под напад на странецов. Жилав е чичо, дете. Комсомолска коска. (Пее, од мјузиклот "Овчарот Костја") "И ја тот с пјесењ через жизњ шагају..." ЖЕНАТА: Оставете го, момче. МЛАДИЧОТ: Молим те, тетке, ти не мешај се. ЖЕНАТА: Можете да ми се обраќате и со госпоѓо. Не сум во никакво сродство со Вас. МЛАДИЧОТ: Може ли малце да се откачите од мене, учителке? ЖЕНАТА: Не си ти виновен што си таков. Ние сме. Ние. МАЖОТ: Кои ние. Може си ти виновна, ја богами не сум. Таа го погледнува со презир. Впрочем и сите други се гледаат непријателски меѓу себе. Молчат. ЖЕНАТА: О, боже, ссе е веќе наопаку во оваа земја. МЛАДИЧОТ: А кога тоа не било? МАЖОТ: У наше време, бе. Тогаш возовите стигаа само со мало закаснение. А и на нас не ни се брзаше многу. Градевме праведно општество, социјализам. А праведно општество не се гради преку ноќ, г’з преку глаа. А види на што личи ова сега. Денес и возовите возат без возен ред. На сите им се брза, а композициите стално каснат. Нема логика. А тамо у Европа, никој тамо нема тебе да те чека. Си пропуштил еден воз, ќе пропуштиш уште десет... Знам бе, бар од возови се разбирам. Еве овој воз, на пример. Порано се викал Симплон. Возел од Цариград до Париз, низ нашиве краеви. Пристигал точно и на нашите станици како да сме швајцарска, а не турска територија. Порано на него аристократија се качуела. Све само намузлии луѓе. Гледај сега што параспур ти се вози. МЛАДИЧОТ: (Гледајќи во него) Гледам. ЖЕНАТА: Како можете да се шегувате со такви работи. МАЖОТ: Ја ич не се шегувам. Може, само, да сум малце директен. МЛАДИЧОТ: Директен, а? Тоа е благ збор за тебе. Возиш, стари, ти без возен ред. Кај што ќе ти текне. МАЖОТ: Ти пази како збориш, разбра. ЖЕНАТА: Ве молам престанете. И онака ситуацијава е многу непријатна. Што ќе добиете со караница? Ќе се изрезилиме пред луѓево. КЕМАЛ: (Кон неа) Точно, мадам. МАЖОТ: Малце ќе си го скратиме времето. Знаете какви сме ви мие, госпожа. ЗАЗА: Ou sommes-nous? МАЖОТ: Што вика оваа? ЖЕНАТА: Прашува кај сме. Pres de Koumanovo, madamme. МАЖОТ: А! Кимахобо, Африка чентрале. (Кон Кемал) Турчин, го знаеш ли ти вицот за Куманово? ЖЕНАТА: Restez tranquille, monsieur. Il peut-être ivre! КЕМАЛ: Гледам, гледам. МАЖОТ: (Станува, глкеда преку прозорецот) Еве го, Кимахобо! Јас тука слегувам. Возот запира. Мажот станува. Ги поткрева панталоните и го зема зембилот со ракиите. МАЖОТ: Е па ај со здравје. Ќе се видиме откако ќе се вратите. Довидување до следната војна. Националности, ренегати, бегалци и тавариши передатељи од сите бои! Само што се обидува да слезе од возот. Пак пее од "Пастирот Костја". Наеднаш молкнува. Се повлекува наназад. Во купето влегуваат двајца необични типови со кожни мантили и кожни качкети. Мажот се потресува кога ги гледа... Се подвраќа. Снисходливо ги поздравува со кимнување. Се обидува да се мушне покрај нив. КОЖЕН МАНТИЛ 1: Чудна песна, друже. На кој јазик е? МАЖОТ: Странска. А, ја тоа онака, механички. КОЖЕН МАНТИЛ 2: Странска, а механички. А, каде си тргнал, друже? МАЖОТ: За Куманово. Алè-ретур. КОЖЕН МАНТИЛ 2: За Куманово? Што бараш ти во Куманово. Или онака, механички? Куманово ти е Африка чентрале. Го знаеш ли вицот за Куманово? МАЖОТ: Не. КЕМАЛ: Лаже. Пред малку ни го кажа. КОЖЕН МАНТИЛ 1: Вие, друже, не мешајте се. КОЖЕН МАНТИЛ 2: Вие сте од турска етничка група, така ли е, друже? КЕМАЛ: Од младотурска, кардаш. КОЖЕН МАНТИЛ 1: Не те прашав за возраст, бе. Прашав за националност. Ти младичу? МЛАДИЧОТ: Јассе Јас патувам... за Парамарибо. КОЖЕН МАНТИЛ 1: Такво место тука нема. МАЖОТ: У Социјалистичка република Словенија, друже... КОЖЕН МАНТИЛ 2: Тебе не те прашав. (Кон Мажот) А ракијата, кому му ја носиш? МАЖОТ: Ја носам за поклон. На синот. КОЖЕН МАНТИЛ 1: Син ти пие? МАЖОТ: Малку. Као млад човек. КОЖЕН МАНТИЛ 2: Кај нас младите не пијат. Народ што има ваква младина не треба да се плаши за својата иднина. И обратно. КОЖЕН МАНТИЛ 1: Алкохолизмот е опиум за народ. А обратно? КОЖЕН МАНТИЛ 2: И обратно. Опиумот е алкохол за народ. (Првиот Кожен мантил го погледнува) Зашто бе, зашто да не може така? МЛАДИЧОТ: Тоа кажи ии го на дамава. КОЖЕН МАНТИЛ 1: Ни тебе ништо не те прашавме. Така ли е, другарке. Гледа, уплашено, кон другите. Го прибира зембилот со ракијата. Возот поаѓа. МАЖОТ: А, бе другари, тргна возов. КОЖЕН МАНТИЛ 1: Така е, друже. Тргна. А знаеш ли кај тргна? МАЖОТ: За Врање, бе другари... А што барам ја у Врање?! КОЖЕН МАНТИЛ 2: Тргна...за у социјализам друже, за комунизам тргна. ЖЕНАТА: Се извинувам, зар возов не оди за Загреб, преку Белград? КОЖЕН МАНТИЛ 1: Како за кого, граѓанке. За тебе оди до таму, за нас оди подалеку. За нас возов оди во иднина. Во подобро време, во подобо утре. А таму, не се оди со вакви како него. Што пеат руски песни. Руските песни се долги, досадни. Нам ни требаат други, брзи песни. Руски песни – за руски степи, за руски шини и за руски шпиони. (Покажува на Мажот) И така... КОЖЕН МАНТИЛ 2: И така... Возов ќе оди напред, а ти ќе одиш назад. Во Идризово. За почеток. После може да те пратиме и на Јадранско море. На продолжен одмор. Има таму едно острово. Да пееш руски песни колку ти душа сака. Ајде, тука слегуваме. МАЖОТ: Зашто бе, другари? КОЖЕН МАНТИЛ 1: Онака, механички. И не ме викај другар. ЖЕНАТА: Остајте го човекот, луѓе. Ништо лошо не сторил. Двата кожни мантила ја повлекуваат рачната кочница. Го земаат Мажот под раце. МАЖОТ: Може ли, другари, да му кажам нешто на младичов. КОЖНИ МАНТИ 1: Ајде, само кратко. И гласно. МАЖОТ: Синот може ќе ме чека на станица. (Кон Младичот) Се вика Мето. Јас сум Кирил. (Кон кожните мантили) Крстени сме онака, без врска. Така се погодило, другари (Повторно кон Младичот) Поздрави го само. Ракијава е, речи му, за него. И речи му дека, ете, речи му дека ќе се видиме и дека, ете, све е можно. Ќе му кажеш ли? Кај год и да го видиш? МЛАДИЧОТ: Нема да го видам. Куманово го оставивме зад нас. МАЖОТ: Кога ќе се враќаш... МЛАДИЧОТ: Нема да се враќам. Ќе останам тамо. У Парамарибо. МАЖОТ: Може ќе сака и он да си иде. Кажи му. Нека размисли. Може си у право. Може и он требе да иде таму. У тоа твое... друго место. Младичот го гледа, ја зема ракијата. Кожните мантили го изведуваат Мето. Возот повторно поаѓа. МЛАДИЧОТ: Ништо не разбирам. КЕМАЛ: Револуцијата ги јаде своите деца. Ils sont des révolutionnaires. ЗАЗА: Ils son des cochons. Cochons balkaniques! Ненадејно, Кемал ии удира шлаканица... Заза е изненадена. Жената во летен фустан извикува на глас. Младичот е стаписан. ЖЕНАТА: Господе боже, ништо не е сменето. Ссе е полошо. Ссе е веќе можно. 9. New York - mixed dreams Њујорк ноќе. Испарува од асфалтот. Сега веќе јасно се слуша популарната мелодија "Њујорк, Њујорк". Се слушаат густите шумови на велеградот. Брмчат автомобили. Гордан со ранецот на рамо шета низ улиците, се загледува во облакодерите. По лицето му игра неонот од илјадници светла. Се слуша рап. Момчето запира. На лицето има израз на чудење. Некој го вика. ГЛАС: Gordon! Gordon is that you? Се врти. Зад него стои Фат Џо, Д‘генгстер. Црнец кој гестикулира неколку раперски гести во знак на поздрав. Во раката држи шише со пијалок во кеса од мукава. Од својата сцена, во оваа влегува Маја. Оди до Годран. Овој пат тој не ја забележува. ФЕТ ЏО: Hey Gordon. МОМЧЕТО: Hey Joe. I was waiting for you. Almost all my life... Маја го милува по лицето. Тој, како да е во некоја паралелна стварност, сосем не ја чувствува. ФЕТ ЏО: I know, bro. I know it. Come along. Do you feel like having a drink. МОМЧ ЕТО: (Од ранецот вади едно шише со тапа) Sure. Сакаш да пробаш ракија? Од темницата допира глас, на нашински. НАШИНЕЦОТ: Сакам. Ожеднев чекајќи малце наша ракија. Маја се сепнува, се трга на страна. Гордан се врти. Од темницата се појавува младич во маскирна униформа. Носи знаци од македонската војска. И црни раперски очила. МЛАДИЧОТ: Кој си ти? НАШИНЕЦОТ: Не ме бараш мене? МЛАДИЧОТ: Прв пат те гледам. НАШИНЕЦОТ: Што има тоа врска. И Џо прв пат го гледаш, па го бараше. МЛАДИЧОТ: Тебе бе брат не сум те барал. Ти ми доаѓаш, онака, апанзас. МАЈА: Какви се овие средби? НАШИНЕЦОТ: Такви се овие средби. МЛАДИЧОТ: Добро бе, го сонувам ли ја ова? МАЈА: Чиј е овој сонне НАШИНЕЦОТ: Не знам бе брат. Ако сонуваш, си влегол у мојот сон. МЛАДИЧОТ: Што барам, тогаш, ја у него? МАЈА: А ја? НАШИНЕЦОТ: Ти си у мојот. Ти остани. Ми се свиѓаш. Маја збунето гледа ту во едниот ту во другиот. МЛАДИЧОТ: Ова е у секој случај Њујорк. Што бараш ти тука у таа униформа? НАШИНЕЦОТ: Исто што и ти. И ја го барав Џо. Што те чуди, генерација сме. А колку за униформата, тоа овде многу се носи. Ептен е шизички. Посебно оваа сезона. Џо им ја препознава збунетоста. Се смее со забуната. МЛАДИЧОТ: Право да ти кажам, гледам да не среќавам наши луѓе. Преку глава ми е од нашинци. НАШИНЕЦОТ: Е, кај све нема да најдеш нашинци. Нне има бе многу. Расшетани, вака, по цел бели свет. Дома сме најмалце. А и што бараме дома. Дома и онака не е за шетање. Дома, у ствари, не е за ништо. Опушти се, бе, дечки. На почеток е ссе така. После ќе свикнеш. И ти маче. Ако сакаш може да водиме љубов. Цел месец не сум пипнал женско. Затоа си ти у мојов сон. Не се плаши, не е опасно. Не боли. А може да е и убаво. Као у сон. ФЕТ ЏО: Hey, do you know each other? МЛАДИЧОТ: No. ФЕТ ЏО: Oh, sorry. Gordon, this is Meto. МЛАДИЧОТ: Ти си синот на Кирил? НАШИНЕЦОТ: Ете, гледаш дека знаеш. МЛАДИЧОТ: Збориш као татко ти. НАШИНЕЦОТ: Немаме дуќани, иначе ќе зборев као твојот. (Рапува) "На Стру-га дуќан да имав..." ФЕТ ЏО: Hey, what’s that tongue of yours? МАЈА: Macedonian, you know? МЛАДИЧОТ: (Исто, не слушајќи ја) Macedonian, you know? ФЕТ ЏО: No, but seems good for rapping. Do you know each other? НАШИНЕЦОТ: Yeh. МЛАДИЧОТ: (Истовремено) No. Се погледнуваат фатени во противречниот исказ. Џо се смее. МЛАДИЧОТ: Ракијава е за тебе. Ја испраќа татко ти. НАШИНЕЦОТ: Знам. Ти реков дека со душа ја чекав. МЛАДИЧОТ: Знаеш ли што се случи со татко ти? НАШИНЕЦОТ: Го симнале од воз во 48-та. Останал пет години на Голи оток. После се запослил у Железница. Таму и се пензионира. Сега е у Македонија, жив и здрав. Се вози на релација Скопје- Куманово. Пензијата не му стига и им продава ракија на резервистите по возовите. И на сите им раскажува дека има син у војска. МЛАДИЧОТ: Вистина ли е тоа? НАШИНЕЦОТ: Вистина, не гледаш? Ти си у Њујорк, у мојот сон што го сонувам од шаторот на позицијата кај Липково. МЛАДИЧОТ: Сакаш да кажеш дека ова не е Њујорк? Дека ова е илузија. НАШИНЕЦОТ: Не знам бе брат. Можда и е. Можда баш таму си преминал од твојот, у мојот сон. А можда е и подобро да не е Њујорк. Сеа све може. Маја сака да си оди. НАШИНЕЦОТ: Ти маче остани. Ќе водиме љубов. Ќе уживаме двајцата. МАЈА: Ја го сакам него. НАШИНЕЦОТ: Џабе ти е. Ти си сега у мојот сон. Таа се врти кон него. Погледнува кон Гордан. МАЈА: Зошто ми избега? Цело време те барав. Овде те најдов случајно. МЛАДИЧОТ: (Не ја слуша, кон Мето) Ја у ствари сакав да идам за Парамарибо. Тоа е на Карибите. Главен град на државата Суринам. Поранешна холандска Гвајана. Си слушнал ли за Суринам и за Парамарибо? НАШИНЕЦОТ: Нема везе, бе брат. И онака лажеш. Да сакаше да бидеш у тој твој Парамарибо, не ќе се сретневме овде. Ајде, напиј се од ракијата. Ја и онака не можам да ја земам. Ми се пие, ми се плаче. Ама ракијата можеш да ја пиеш само ти. Маја стои ссе уште стаписана. Гордан пие од шишето. Неднаш шишето исчезнува. Ссе исчезнува. И неговиот Фет Џо и Нашинецот. Остануваат само Гордан и Маја. Во тој момент се слуша звук на уривање. Гордан ја покрива главата со раце. Останува така. Потоа се крева од урнатините. Однекаде се појавуваат Пем и со нејзината ќерка. Тие се држат за рака. Стојат неподвижни. Отсутни. Како сеништа. Гордан заминува. Маја го бара. Никој. Вика по него. МАЈА: Гордан. Гордан, каде си! Гордааан! Викајќи по него, заминува. Се слуша жесток рап од Фет Џо. Д’генгстер. Во off. Остануваат неподвижни. 10. Мостар, или град со одземено име Се слуша нежна босанска севдалинка. На големиот екран е мостарскиот мост, чиј напрегнат каменен лак е истегнат над реката Неретва ги поврзува двата дела на градот . Од мостот скокаат луѓе во реката. Поручникот Елсинор во маскирна униформа на УНПРОФОР, со ранец пред себе, седи. Доаѓа Кемал. Поручникот Елсинор се запрепастува, како да гледа дух. Пауза. Кемал ја забележува таа изненаденост, ги крева прашално веѓите. ОФИЦЕРОТ: Простете што така Ве погледнав. Страшно ме потсетувате на некого. КЕМАЛ: А тоа. На овој свет сите имаме двојник. ОФИЦЕРОТ: Се работи за близок роднина. КЕМАЛ: Знаете како се вели, сите сме роднини на овој свет. Како едно големо семејство. Иако, рака на срце, понекогаш не можам да разберам од каде толку омраза во оваа голема фамилија. ОФИЦЕРОТ: Личите многу на татко ми. КЕМАЛ: О? Јас, знаете, немам деца. Ама станав татко. Татко на еден народ. Ме нарекоа Ататурк. Но, Вие не му припаѓате на мојот народ. Јас дефинитивно не сум Ваш татко. ОФИЦЕРОТ: Татко ми не е веќе жив. КЕМАЛ: (Иронично насмевнат) Знаете, понекогаш и јас така се чувствувам. ОФИЦЕРОТ: Долго сте во Босна и Херцеговина? Му подава цигара. Кемал одмавнува со главата. КЕМАЛ: Кратко. Се враќам од Париз. ОФИЦЕРОТ: Убаво. Јас година дена не сум бил во цивилизација. Мојата единица беше станиционирана во едно несреќно место во провинцијата. Каде одите сега? КЕМАЛ: Дома. Не ми се брза, и шеткам малку по светот. ОФИЦЕРОТ: Колку малку? КЕМАЛ: Ми се чини дека се враќам дома цел еден век. Интересно колку нешта се измениле во меѓувреме. ОФИЦЕРОТ: Работите, денес, брзо се менуваат. КЕМАЛ: Како каде. Некаде да, некаде времето како да запрело. Ненадејно граната го погодува мостот. Средишниот дел на мостот се урива во реката. Во позадината, со девојчето в раце, се појавува Жената во црно. ОФИЦЕРОТ: Каде бевте? КЕМАЛ: Бев на многу места. Отидов во Нагорно Карабах, во Палестина, во Грузија и во Чеченија. Поминав низ Њујорк. Бев во Авганистан. Потоа тргнав за Белград, па во Хрватска, во Бања Лука и низ Херцег- Босна. Не се сеќавам веќе на редоследот. ОФИЦЕР: Што сте барале таму? КЕМАЛ: Мостови. А видов како умираат луѓе и како се уништуваат градови. Еве и тука дојдов да го видам мостот. Тој е, знаете, ремек дело. Овој град се вика според тој мост. Мостот му го даде и името, и душата на градов. Она таму е неговиот скелет. Нема потажно нешто од урнати мостови. ОФИЦЕРОТ: Овој простор е полн со спомени и фрустрации. Не знам колку добро ги знаете овие краеви. КЕМАЛ: Некогаш беа делови од мојата земја. ОФИЦЕРОТ: Вие сте од Југославија? Жената во црно со мртвото дете заминува. КЕМАЛ: А, не. Бев од едно големо и моќно царство. И тоа се растури. Кренав, знаете, револуција. Сега се прашувам, зошто. Чуму кревавме револуции? А ги имаше толку многу што ни бројот не им се знае. Жестоки и меки. Крвави и кадифени. Цел век течеа реки од крв, за да се облечеме во кадифе. Крв имаше; се испостави дека немало кадифе за сите. Така останавме соголени до коска. Како оној мост што веќе нема никаква намена. Сакавме да преминеме во новото време, а ги урнавме старите мостови. Сега сме на два спротивни брега. Се боревме за подобро, ссе стана дабетер. Сакавме напредок, се вративме назад. Денес во овој свет се живее во спомени за покојните луѓе и држави. Чудно е. Ништо веќе не е сигурно. Ссе е веќе можно. Кој знае што ссе нне чека утре. ОФИЦЕРОТ: Јас сум оптимист. КЕМАЛ: Бев и јас, младичу. Бев и јас. ОФИЦЕРОТ: Верувајте, треба малку да се вратите дома. Сево ова страшно депримира. Мислам дека тоа добро ќе Ви дојде. КЕМАЛ: Инаку, тргнав за дома - еве кај стигнав. Се качив од Европа на Ориент-експресот и, еве, се изгубив. Излезе дека историјата е воз што вози во круг. Мислиш дека одиш напред, а си се вратил од кај што си тргнал. Европа е, инаку, центарот на тој круг. Цело време ссе се врти околу неа. ОФИЦЕРОТ: Погледнете малку во иднината. Вие треба да ги урнете сите мостови кон минатото. КЕМАЛ: Погледнав. Излезе дека крајот на Деветнаесеттиот бил подобар од крајот на Дваесеттиот век. Како да патуваме во времето, наназад. Како да сме промашиле некоја важна свртница. Што мислите, ќе се покаже ли и овој век подобар од идниот? Мислам дека во иднина ќе се уриваат и други мостови. ОФИЦЕРОТ: Гледате многу црно. Мислам дека е тоа е поради таа ваша балканска и ориентална склоност кон патетика. Во вашите песни најчестиот рефрен е "аман". Човек треба да мисли позитивно. Think pink!, така велиме ние. Тоа помага да си го планирате животот. Да мечтаете малку. Најдобро се мечтае дома. КЕМАЛ: Овде, пак велат, најдобро се мечтае далеку од дома. ОФИЦЕРОТ: О, јас не мислам така. КЕМАЛ: Ме радува. А за што мечтаете Вие? ОФИЦЕРОТ: (Се насмевнува) За дома, се разбира. Таму имам девојка. Очекувам дека скоро ќе се женам. Сакам повторно да имам семејство. Добив нова работа. Ми се допаѓа иако ќе биде страшно административна. По ова искуство овде, ми треба мир и спокој. Ќе живеам во Вашингтон, ќе работам во Пентагон. Кемал го погледнува. На лицето ја има веќе познатата, питома насмевка. ОФИЦЕРОТ: Боже, колку ме потсетувате на татко ми. Тој ја имаше токму таа насмевка. Писнува локомотива. Шикнува пареа. Затемнување. 11. Странец во ноќта Писокот на локомотивата се претопува во звук на полициска сирена. Одново Њујорк ноќе. Многу неон, испарувања. Шумови на велеград. Се појавува, како и Гордан претходно, Жената во летен фустан. Оди полека и збунето го рагледува градот. Запира. Се слуша саксофон. Некој ја вика. СТРАНЕЦОТ: Hello there! Се појавува зад неа. Тоа е Френк Синатра. Таа застанува. Се насмевнува пред да се сврти. Се слуша мелодијата на "Strangers in the night”. ЖЕНАТА: Parlez-vous...français? СТРАНЕЦОТ: Не. Ама сосем Ве разбирам. Ние се разбираме цело ова време. Вие знаете кој сум, нели? ЖЕНАТА: Да. СТРАНЕЦОТ: И знаете што ќе се случи, нели? ЖЕНАТА: Мислам... Ќе ме поканите на пијалок? СТРАНЕЦОТ: ...а потоа ќе Ве поканам на танц. Ќе играме полека, нежно. Како што не сме играле никогаш. Таа го остава куферот на земја. Се врти кон Синатра. Танцуваат. Таа му се препушта. Се доближуваат. Тој се готви да ја бакне... Ненадејно, екнува силна експлозија. Музиката престанува. Силен звук од уривање. Жената ја покрива главата со раце. Таа клечи на земја со рацете над глава. Синатра гледа угоре. Високо кон двата облакодера. На сцената истрчува како да бега од некаде, Човекот во црно со црната актовка. Застанува со рацете и чантата над глава. Гледа и тој во облакодерите. ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО: Holly shit! Holly shit! Жената се свртува кон Синатра. Тој исто гледа нагоре. Таа полека заминува. 12. Виртуел Сцената почнува силовито и шумно, со динамична сцена од виртуелна игра проектирана на огромен екран. Експлозија. На видео играта се уништуваат објекти. Згради летаат во воздух. Виртуелниот играч "треби" луѓе, виртуелни борци. Светлото го открива Гордан кој стои пред огромниот екран. Влегува Маја. Застанува, го гледа. Тој ја здогледува. МЛАДИЧОТ: Маја! МАЈА: Те барав насекаде. Влегов и во Интернет. МЛАДИЧОТ: Еве гледаш, заглавив тука. Агресивниот шум се претопува во топла музика. МАЈА: Сурфав виз цел свет. Таму те немаше, реков да погледнам и тука. Што правиш ти овде? Ти оваа игра никогаш не си ја сакал. МЛАДИЧОТ: Не знам. Играта се отвори сама. Сакав да влезам на Интернет, да те побарам тебе. МАЈА: Отидов во Јужна Африка, сурфав до островот Науру, продолжив за Јужна Америка. Стигнав до Карибите. Отидов во Гвајана. Свратив и во Суринам. Знаеш што, го видов Парамарибо! Стигна ли ти таму? МЛАДИЧОТ: Не успеав. Како изгледа? МАЈА: Како што ни го опишуваа. Има топло море, палми со кокос и авокадо, амазонски орхидеи и дрвја со рајски птици... Еј, мислиш ли на мене? МЛАДИЧОТ: Те барав. Цело време те барав. Каде си сега? Ми требаш. Одново почнува агресивниот звук на видео-играта. МАЈА: Треба да престанеш да играш. Што ќе добиеш пукајќи? ГОРДАН: Не играм јас. Играта се отвори сама од себе. Некој друг ја игра. МАЈА: Кој? ГОРДАН: Не можам да откријам. МАЈА: Ресетирај ја! ГОРДАН: Пробав. Заглавена е. Морам да чекам да се доигра. МАЈА: Ја не можам више да издржам овде. Идам, Гордане. Ќе се најдеме на некое друго место. Ќе те чекам. ГОРДАН: Каде? Ќе одиш ли дома? МАЈА: Не се враќам дома. Дојди во Парамарибо. ГОРДАН: Маја! Чекај! Маја!.... Но таа веќе исчезнала. На огромниот екран, голема експлозија. Се покажува врвен скор, означен во дигитални цифри на екранот. Тогаш играта сама се ресетира. Се затвора во една фосфоресцентна точка која кусо свети и исчезнува во затемнетиот екран. 13. Скопје, неодредено време Миладинов седи и бележи нешто. Се појавува една необична фигура со стар костум, откопчана кошула и истуткани панталони. Името му е Зорба. Љубопитен е. Полека, комично му се доближува. На крајот ѕирка во тоа што го пишува... Миладинов се врти кон него. Зорба му се насмевнува. ЗОРБА: Пишуваш, а? МИЛАДИНОВ: Да. ЗОРБА: Што е тоа што го пишуваш, пријателе? Ако смеам да прашам. МИЛАДИНОВ: Песна. Зошто? ЗОРБА: Секогаш ме интересирале луѓе што пишуваат. А за што пишуваш песни, пријателе? МИЛАДИНОВ: За преселбите. ЗОРБА: Ω, φανταστικά! Тоа е многу интересна тема. Би рекол дури: тоа е вистинската тема. Долга и широка. Φανταστικά!? И како ти оди, пријателе. МИЛАДИНОВ: Чудно зборувате. Вие не сте одовде. ЗОРБА: Јас сум од твојата тема. (Се смее) Дојдов од Крит. Ги снема оние што ги сакав и се почувствував сам на големиот остров. Како птица со урнато гнездо. И му ја летнав. Така. Еве ме сега тука, во Скопје. (Ја подава раката) Се викам Зорбас. МИЛАДИНОВ: Χαίρω πολύ κύριε Ζορμπά. Με λένε Μιλαντίνοβ. Κώνσταντιν Μιλαντίνοβ. ЗОРБА: О, вие убаво говорите грчки. Φανταστικά, φανταστικά, κύριε! Се гледа, писмен човек сте. Јас се викам Алèксис. Алèксис Зорбас. Познававав еден писател, исто како вас. Гледате (Се смее на римата) и јас сум неоткриен поет. Сакаше да напише роман за мене. Ви личам ли јас на лик од романне (Се смее) МИЛАДИНОВ: Што работите овде, во Скопје? ЗОРБА: Во суштина ништо особено. Барам пристојно место за живот, како и секој друг. Тоа е најтешко, нели. МИЛАДИНОВ: Па, го најдовте ли? Вашиот роден крај е далеку. Ова е сепак туѓина за Вас... ЗОРБА: Ќе ти одговорам и јас, ако ти успееш да ми одговориш мене. Кажи ми, пријателу, кој е роднокрајот на птицата: местото од кај што иде, или местото кајшто оди? МИЛАДИНОВ: Молам? ЗОРБА: Така ни било пишано, драги мој. Το πεπρωμένων φυγείν αδύνατον. Така ни било пишано. Да бидеме како преселни птици. Да одиме и да се враќаме. Понекогаш и да останеме, некаде таму. Еве јас. Јас сум ти како галеб, долетан во Скопје од јужните мориња. МИЛАДИНОВ: Не сте носталгиченне Не Ве обзема ли желба за враќање дома? Тивко, започнува музика. ЗОРБА: Има тука трик. Една тајна. Ќе ти ја откријам, ако сакаш. Танцуваш ли, пријателу? Работата е во тоа од тагата на направиш дерт. Да го разбудиш срцето. Дертот да го претвориш во радост. Јас затоа танцувам. Играм, играм, играм. Φανταστικά Играм сиртаки. Φανταστικά. Се препуштам на ритмот. Ω, πόσο φανταστικά ! И летам. Се враќам дома. Обично ноќе. Летам крај врвот на Олимбос, над Акрополис и Сунион, гледам како се успива Атина, правам круг над Пелопонисос, летам преку егејските архипелази и стигнувам над Крити да го гледам изгрејсонцето. Крити има најубави изгреви на светот. Сонцето изнурнува директно од морето. Добро дојде Сонченце, го поздравувам. И потоа пак летам. Летам како Дèдалос. Не паѓам во морето. За жал, некои се Икари. Ги топат крилјата и паѓаат во болката, тонат во дертот, се дават во него. Јас не. Почнувам да танцувам во мојата омилена крчма во Скопје, продолжувам да играм на песочната плажа на мојот Крит. Заборавам на ссе. Ооох! Растојанијата се губат. Светот станува пријателски. Душата е полна! Φανταστικά? Пробај некогаш, пријателе, ќе видиш дека функционира. Ссе станува возможно, само ако сакаш. МИЛАДИНОВ: Убаво говорите, како вистински лик од роман. ЗОРБА: Ти се верува ли? Можеби мојот пријател, во меѓувреме, навистина и ме напишал? Ајде здраво. Ме ранежи разговоров. Одам да се подготвам. Мислам дека вечерва пак ќе летам!... Зорба заминува. Искрено, гласно се смее. 14. Липково, положај Мето, нашинецот, легнат настрана врз шаторско крило. Јаде од конзерва. Боцка со бајонетот и става в уста. Се насмевнува во својата замислена отсутност. Се слуша рапот на Фет Џо. Некаде одзади се појавува Кирил, татко му. Носи сива затвореничка униформа и капа и црвен каранфил во раката. Зад него, како манекен на војната, се појавува еден муџахедински тип: човек со долга брада, во маскирна униформа, црвени знаци, црна шамија "гусарски" врзана на главата и црвено знаме што го вее во позадината. Од некаде, со детето в раце, преку сцената поминува Жената во црно. Се појавува Фет Џо. Го гледа сето тоа. Со чудење погледнува во Мето. ФЕТ ЏО: Hеy, where am I? I wanted to go away from Manhattan. Man, it’s been awful there. But where did I get? Where’s this, man? What’s all this about, damn it? Мето, насмевнат, слегнува со рамениците. Татко му доаѓа до него. Му го подава црвениот каранфил. МАЖОТ: Имав и ракија за тебе. Ја изгубив негде, по пут. НАШИНЕЦОТ: Си му ја дал на еден дечко. Он уште ме бара. Се гледаме по некогаш, на разни места од светот. МАЖОТ: Па шеташ ти, а? НАШИНЕЦОТ: Шетам, стари, што ќе праам овде? Еве више престанавме и да пукаме. Сега пукаме од досада. И ние и они. Некои не можат да издржат. Се пукаат у вена. И наши, и нивни. МАЖОТ: Ако сине, што ти е гајле за нив. А, ќе те фати, ти шетај. Што дуго ќе праиш овде. Така ни било пишано, да пукаме и да се шетаме. И ја сум шетал. Е, кај све ја не не сум ишол. И па дома сум се враќал, бе сине. Дома е, сине, најубаво. НАШИНЕЦОТ: Знам бе стари. Пред Божик, зад Божик, кај да си дома да си. МАЖОТ: Еј, знаеш ли дека на светов има бар триесе’ држави помали и од нашава. НАШИНЕЦОТ: Нема помала држава од нашава, бе стари. МАЖОТ: Има бе сине, веруј. За нашава држава уште и се чуло. За тие – ништо. Си чул ли ти на пример за Антигва, за Барбуда, за Барбадос, а? Си чул ли за Доминика, за Сен Китс, за Гренада, Гренадини, за Санта Луција? За Сао Томе и Принципе? А за Сејшели, Малдиви, Папау, за Карибати бе сине, за Туналу, Тонга и Науру?... МЛАДИЧОТ: Си ги измислил, стари. Гачки ми збориш. Па’ шеретлуци сакаш да праиш. МАЖОТ: Не бе сине. Постојат. Помали, па постојат. Часна реч. Ми кажа еден чоек. Читал у штампа. Сите се, вика, која од која поуваби. Еве, вика, Науру. Науру ти е, вика, рај на земјава. Ете, мала земја, а рај. Може и това, што мислиш не може? Тамо младите као вас, кога ќе се земеле, државата одма куќа им давала. Децата само у странство им ги студирала. У таа држава бесплатно ти е све, и здравство, и школство, а плати до небо. Е ај сеа! Тамо луѓето знаат зашто живеат. Тамо, вика, и гума на кола да ти пукне, ич не ја попрааш. Идеш, и одма ново ауто си купуеш. МЛАДИЧОТ: Да не си се начукал бе ти, стари? МАЖОТ: Ракија со години не сум помирисал. МЛАДИЧОТ: Не ти дошол умот. Па’ комунистички прикаски почна да раскажуеш. МАЖОТ: Вистина ти зборам, бе сине. Имаме шанси. Знаеш ли од ш‘о се они тамо, у таа мала земја, толку богати. Продаваат, сине. И знаеш што? Птичји измет продаваат, као најдобро ѓубриво, и тоа низ цел свет. Гледаш ли како ги бива, се досетиле они. МЛАДИЧОТ: Како не се сетивме и ние! Кај би ни бил крајот. Овде има гомна, милијардери да станеме. Некои у тоа и овде успеаа. Од обични гомна станаа милијардери. Доста лажеш, бе стари. Никој више не ти се лаже со стари прикаски за рај на земјата. Рајот го стекнаа некои. Сакаш ли да си у рај, шверцуј нафта, шиткај оружје, дилај дрога... Нејќеш ли, остани тука, или у прикаските. Иди у Науру. МАЖОТ: Науру постои, бе. Као Парамарибо. За Парамарибо си слушнал ли? МЛАДИЧОТ: Их! Парамарибо ти е хит, дури и овде. Нас коа ќе нне "фати" оноа, сите шетаме. Главно идеме тамо. До Парамарибо. Седиме, уживаме, се бањаме у чистото море, се сунчаме. И после, сакале-нејќеле, се враќаме назад. Па’ овде, стари. Кирил го гледа, не изустува ништо и си заминува. Мето вади шприц и игла. Исто и Човекот во црно. Фет Џо сее бел прашок на голата подлакица. Човекот во маскирна униформа пука во воздух. Долг рафал од автомат. Додека тој трае, други се пукаат во вена: Мето и Човекот во црно. Фет Џо шмркнува кокаин од раката. 15. Афионско поле од Македонија до Авганистан Психоделична атмосфера во полето со афионови чушки. Во позадината Заза Габор пее песна, чиј звук се меша со музиката што ја создава психоделичната атмосфера. Кемал ии дава букет од виолетови афионски цветови. Тука се и Човекот во црно, Мето, манекенот на војната во маскирна униформа, со црната "гусарски" врзана шамија на главата, со автомат и црвено-зелено знаме на кое се исцртани две бели афионови чушки. Се појавуваат Пем со девојчето. Маја. Се доближуваат, секој до својот лик. Се исполнуваат копнежите во една поетска, и едновремено чудно поместена фикција. Ссе се движи споро и лелеаво. Излегуваат американските војници во маскирни униформи, со автомати во рацете и под полна воена спрема. Лелеаво одат преку просторот. Човекот со брада и црна гусарска шамија на главата мавта со знамето. На разгласот, просеани низ ехо, се слушаат успорените, внатрешни гласови на војниците. ВОЈНИК 1 (off): Nobody move! ВОЈНИК 2 (off): Hands up! ВОЈНИК 3 (off) : Up,up, up, up! ВОЈНИЦИ, 1, 2, 3 (off) : Up,up, up, up! ВОЈНИК 1 (off) : Is this Macedonia? ВОЈНИК 2 (off) : Is this Kosovo? ВОЈНИК 3 (off) : Is this Yugoslavia? ВОЈНИК 1 (off) : Is this Afghanistan? МЕТО (off) : Ссе е можно. Ссе е можно. Ссе можно...... Ссе е лелеаво. Ссе расте. И се смирува. Тишина. Се слушаат птици. Галеби. Излегува поетот. МИЛАДИНОВ: Што народ ќе да бевме. Што сокачари светски, што шет- Мари бре луѓе мои. Од дедо и прадедо останало, од место на место да се одело. Дома, нас, место не нне фаќа. По друмој, безбели, останавме. Кој кај окум, ние скокум. Сегде нне има, дома сме најмалце! Толку патишта отворивме, што сега ни се измешаа патиштата. Патував низ земјите и мечтаев да се вратам. Кога се враќав, ми идеше да бегам, одново, негде. Кај да одиш, бре, ссе друго бараш. Што мерак, што желба е таа везден да талкаш по тој бел свет? Да бегаш ли, или само за малку да одиш во поарни, поспокојни места? Кај му е на човека спокојот? Ако не дома – надвор. Ако не надвор – дома. Кај му е, бре луѓе, на човека спокојот? Надвор, дома, или дури - во покојот? Сакав да пишам песна за враќањето, а од душа ми излегува песна за заминувањето. Се појавува Мето. Носи автомат во раката. Се слуша увод од жесток рап. На македонски. НАШИНЕЦОТ (off) : Орелски крилја ја да си метнам Как’ одовде негде да летнам? На други места ја сакам да с’ идам У други градој, тамо да бидам. Што сум ја овде, кој ми е алот Кај ни е доброто, кај ни е жалот. Да ставам крилја, да тргнам, да идам, Да бегам од овде - и друго да бидам. Сите молчат. Тишина. Затемнување. 16. Средба во полусон Маја халуцинира. Се појавува Гордан. Ја гледа. Ја подава раката кон неа и ја милува. Таа се буди. МАЈА: Те сонувам ли пак? Извини што закаснив. Се изгубив. Не знаев за себе. Ми беше и криво, и сеедно... МЛАДИЧОТ: Овде сум, покрај тебе. Те барав. Сега видов колку ми требаш. Еве сега сум тука. МАЈА: Каде е ова? МЛАДИЧОТ: Што е битно. Битно е дека те најдов. Не можам без тебе. Кога заминав мислев дека ќе можам. Нејќум да бидам со сите, ама нејќум да бидам ни сам. Што знам, можда не сме ни учени да бидеме такви. Се наведнува да ја бакне. Таа исчезнува. Станува. Почнува да ја бара. Се избезумува. Вика. МЛАДИЧОТ: Маја, Маја! Ќе се сретнеме таму. Во Парамарибо! 17. Greetings from Paramaribo, Surinam На големиот екран се појавува Интернет страницата што се однесува на Paramaribo, Surinam. Се слуша ведра, фриволна јужноамериканска музика. Се појавува Маја. Разгледува. Се појавува Жената во летен фустан и Кирил од другата страна... Се радуваат на средбата. Доаѓа Мето во маскирната униформа. Кирил го здогледува. Се прегрнуваат. Додека тече ведрата музика и атмосфера, и Маја разгледува наоколу, се слуша нејзиниот глас... МАЈА (off) : Парамарибо е главен град на државата Суринам, поранешна Холандска Гвајана. Тоа е мала република на Северозападниот брег од Јужна Америка. Парамарибо е град од Седумнаесеттиот век, со карактеристики од холандската, француската, шпанската и британската колонијална архитектура. Доминираат згради со фасада од цигла поставени на зелени, потревнети површини, а се среќаваат и мали, шармантни куќарки од дрво. Високи палми и манго дрвја ги покриваат улиците од градот и ги надвиснуваат бреговите на тивката река. Цркви, џамии и синагоги стојат едни покрај други, додека Јаванските продавачи и креолците што говорат холандски седат по блиските кафеа, точат пиво, разговараат со посетителите и подготвуваат егзотични пијалоци и лесни тропски коктели. Тече ведрата музика. Продолжува ведрата атмосфера. Доаѓа Миладинов. На екранот се појавува синото небо над Парамарибо. МИЛАДИНОВ: Секогаш да сме јабанџии, така ли ни е пишано? Да бидеме како преселни птици. Да одимне и да се враќаме. Понекогаш и да останеме, таму, некаде, во нов крај. Еве јас, на пример. Јас сум ти како галеб, долетан од Охрид и од Струга. Ме фати, така, дертот и заиграв. Го фатив ритмот. Отпрво не одеше. Го играв "Тешкото". Со "Тешкото" не се одлепуваш. Ти се лепи ногата за земјата, па тоа ти е. Потоа заиграв побрзо. Заиграв полесно и полетав. Летнав како Силјан, нашиот штрк. Земјакот наш од народните приказни. Летав, море, браќа. Летав над планини и над гори, над мориња и над океанот. А горе додека летав, ми се придружуваа други. Ссе нашинци. Брат ми леташе до мене. Препознав и некои наши ученици. Како што летавме, ни се придружуваа и други. Станавме големо јато. Од галеби, гулаби, од соколи и од нас, од штркови. Различни птици, а ти се чини, ссе нашинци. Летавме така низ дуњава, кај не стасавме. Растојанијата се изгубија. Светот стана мал. Небото стана ниско. Сите станаа птици. Душата доби крилја! Летаме, така ни е пишано. И дома кога сме, ние летаме. Така ни е пишано. Пробај некогаш, пријателе, ќе видиш дека функционира. Ссе станува возможно, само ако така сакаш. Се појавуваат Пем и ќерката. Во прегратка, заедно со Човекот во црно. Сета весела, со тропски коктел во раката и во своите откачени бермуди, се појавува и Рут. Додека тоа се случува... Се осветлува позадината, а таму, на отворените лигештули, под сонцобрани се наоѓаат сите: Заза која пее, држејќи го својот цигар-шпиц и Кемал кој, со очила за сонце, ја слуша, навален на лигештулот. На големиот екран со небото над Парамарибо се појавува Алексис Зорба. Лета. Ветрот му ги развејува косата и белата кошула. Мавта кон другите. ЗОРБА (off): (Вика) Ехеееј! Φανταστικά! Φανταστικά! Гласно, радосно се смее. И лета. Над Парамарибо. Сите се среќаваат, таму, далеку. На Карибите. Во Парамарибо. Во ветената земја. Во нивниот рај. Маја е сама. Го нема Гордан. Во еден момент, како и во сцената со видео-играта, екранот се гасне, сликата се собира во фосфоресцентна точка. Со која исчезнува и Парамарибо и виртуелниот рај. 18. Железничка станица, Скопје Истите од првата сцена. Го чекаат возот. Молчат. Жената се буди од дремка. ЖЕНАТА: Боже, сум задремала. МЛАДИЧОТ: А возот касни... МАЖОТ: Касни. Можда припукале на композицијата. Можда подметнале бомба под возот. А може да касни, као и обично. (Го поткрева зембилот со двете шишиња, со смекнат тон) Него, дете, да не сакаш ти сепак малце ракиичка? Убава е, за своја душа праена. МЛАДИЧОТ: Ти реков, не пијам. МАЖОТ: Ти реков и ја – тоа ви е грешката. Не пиете, а по цел ден се дрогирате. Еве, ќе те частам, иако ракијава е за продажба. Толку можам да напраам за вас... МЛАДИЧОТ: Молам? МАЖОТ: Боље алкохоличар него наркоман. (Младичот зачудено го погледнува) Ти реков, тоа ти е као: "боље рат него пакт". ЖЕНАТА: (Воздивнува) Којнае кога ќе стигнеме... МАЖОТ: Прашање е – кога ќе тргнеме. ЖЕНАТА: Кај ли згрешивме, ѓавол ќе го знае. Важно војна не заслуживме. МАЖОТ: Заслуживме. Како не. Историјата казнува. Да бидеш во циркус. Да те сеират други. И да играш у фарса. А фарсата да е белосветска. Ненадејно се слуша пристигање, кочење и запирање на воз. Сите погледнбуваат кон излезот за перонот. ЖЕНАТА: Стигна возот!... Луѓе, стигна возот. Жената и Мажот брзо стануваат. Гордан не се помрднува. Седи на место. Застанува најпрво мажот, потоа и таа. МАЖОТ: Ајде, бе! Нели го чекаше возот? ЖЕНАТА: Побрзајте, младичу. Може да ви избега. МЛАДИЧОТ: Не идам. МАЖОТ: Нели ќе се возеше до тамо... како се викаше тоа. ЖЕНАТА: Парамарибо. МАЖОТ: Тоа. МЛАДИЧОТ: Не идам нигде. Што барам сам. Мислев дека ќе можам да заминам без неа. Ама не оди. Што ќе правам таму сам? Сам не се иде ни по новини, а не у Парамарибо. Цел живот каснела. Сега гледам дека цел живот сум ја чекал. МАЖОТ: Ела бе, будала. Дојди бар до Куманово. Ќе те запознаам со синот. Ќе јадеме мезел’ци и ќе пиеме од ракијава. Провози се, бе, дете. Шетни, ќе ти олесни малце. ЖЕНАТА: Дојдете, не чекавте, белки, залудно. МЛАДИЧОТ: Ќе останам. Ќе ја почекам неа. Може и да дојде. Работава не чини, а како ќе ја оставам неа овде. Може да стане и бетер. Тогаш може да идеме заедно, некој друг пат. МАЖОТ: Не може да биде бетер. МЛАДИЧОТ: И тоа што викаш. Може нема да биде бетер. Не било секогаш вака. Парамарибо денес ти е као Македонија вчера. Можеби уште утре оние од Парамарибо ќе се селат баш у Македонија. МАЖОТ: Ја, важно, те поканив. Ти сам си одбра. Заминува. Останува Жената. Го погледнува младичот. ЖЕНАТА: Одам младичу. Одам да го видам Њујорк. Иако ни Њујорк веќе не е како порано. Ништо не е како порано. Сепак, ако го видам... што да му речам? МЛАДИЧОТ: Речи му нека дојде он тука. Нека прошета. Нека види како е и овде. Речи му да дојде, зашто сегде е, више, исто. И нека не трга сам. Денес, све е више можно. Не може, само, да си сам. Таа заминува. Возот поаѓа. Влегува Маја. Го здогледува. Гордан станува. Оди до неа. Ја бакнува. Долго. Одзади ги посматраат сите: Миладинов, Зорба, Заза, Кемал, Мажот, Жената, Мето, Џо, Синатра... Од близу. Од Парамарибо. Гордан и Маја се држат за раце. К р а ј